ПРИСТАП ЗАСНОВАН НА ЧОВЕКОВИ ПРАВА

Содржина

а) вонинституционална заштита
б) институционална заштита
в) парична помош
г) право на здравствена заштита

Во 2011 година, државата ја ратификува Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост и соодветниот Опционален протокол. Оттогаш, владата иницира мерки за да обезбеди почитување на предвидените принципи и права. Овие напори се обид да се промени моментално доминантната перцепција за попреченоста низ призмата на „посебни потреби“ и „дефектологија“ во широк општествен одговор базиран на социјалната парадигма за попреченоста.

Еден од најзначајните документи кои го гарантира почитувањето на правата на лицата со попреченост е Конвенцијата за правата на лицата со попреченост (КПЛП) и нејзиниот Факултативен протокол.

Целта на оваа Конвенција е унапредување, заштита и обезбедување на целосно и еднакво уживање на сите човекови права и основни слободи на лицата со попреченост, како и унапредување на почитувањето на нивното достоинство.

Според КПЛП, лица со попреченост се лица кои имаат долготрајни физички, ментални, интелектуални или сетилни нарушувања, кои во интеракција со различни пречки може да го попречат целосното и ефективно учество во општеството врз рамноправна основа со другите.

Слика со логоа од Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост. Лево текст на англиски јазик со наслов на конвенцијата, десно логоа на Обединети нации и симболи за различни видови на попречености

Основните начела на КПЛП се:

  1. Почитување на вроденото достоинство, индивидуалната автономност, вклучувајќи и слобода на свој избор и независност на лицата;
  2. Недискриминација;
  3. Целосно и ефикасно учество и вклученост во општеството;
  4. Почитување на разликите и прифаќање на лицата со попреченост како дел од човековата различност и човештвото;
  5. Рамноправни можности;
  6. Пристап;
  7. Рамноправност меѓу мажите и жените;
  8. Почитување на развојните способности на децата со попреченост и почитување на правото на децата со попреченост за зачувување на својот идентитет.

Законски решенија во Република Северна Македонија

Што се однесува до внатрешниот правен систем на Република С. Македонија, од клучно значење се сметаат три аспекти на нејзиниот Устав. Имено, член 1 од Уставот ја дефинира нашата држава како социјална држава. Членот 9 од Уставот предвидува еднаквост на сите граѓани пред Уставот и законите. Оваа формална еднаквост е прецизирана во член 35, став 3 од Уставот, според кој државата е должна да создаде услови за вклучување на лицата со попреченост во општеството.

Овие уставни одредби во практична смисла значат дека државата има обврска, во рамките на општествено-политичките мерки и севкупната законска рамка, да се грижи за формалната рамноправност на лицата со попреченост со другите граѓани, така што треба да се грижи не само за нивните општи потреби, но и за нивните специфични потреби.

Сите аспекти во оваа област се манифестираат како нормативни и правни. При донесување на закон со кој се определуваат правата и одговорностите на граѓаните, државата треба да се грижи за регулирање на правата и одговорностите на лицата со попреченост, особено нивните човекови права (граѓански, политички, економски, социјални и културни права).

Државата треба да ги вклучи и организациите на лицата со попреченост со споделување на своето мислење кога се носат закони. При донесувањето закони, државата треба строго да оди по принципот на недискриминација на лицата со попреченост. Регулирањето на прашањата кои се однесуваат на специфичните потреби на овие лица, може да се врши при носење закони кои важат за сите граѓани, со донесување посебни закони или со вклучување на посебни поглавја во законите.

Државата може да обезбеди посебни правни механизми за заштита на правата на лицата со попреченост. Во овој поглед, постои интересна идеја за формирање на институцијата Народен правобранител за правата на лицата со попреченост.

Како што споменавме и погоре, во Република С. Македонија видот и степенот на пречките во физичкиот или психичкиот развој се уредува со Правилникот за оцена на специфичните потреби на лицата со пречки во физичкиот или психичкиот развој (Службен весник на РМ бр.2000/30 год) и според него се категоризираат лица со пречки во физичкиот или психичкиот развој.

За обезбедување на услови за нивно вклучување во општествениот живот државата обезбедува посебна заштита. Формата на заштита е определена со Законот за социјална заштита(Службен весник на РМ бр.79/2009 год) , според кој, лицата со инвалидност можат да ги остварат следните права:

а) вонинституционална заштита:

  • право на домашна нега и помош,
  • право на дневно згрижување во дневен центар,
  • право на сместување во згрижувачко семејство,
  • право на живеење во мал групен дом,
  • право на организирано живеење со поддршка.

б) институционална заштита:

  • право на оспособување за работно – производна активност,
  • право на сместување во установа за социјална заштита.

в) парична помош:

  • постојана парична помош,
  • паричен надоместок за помош и нега од друго лице (за лице над 26 годишна возраст),
  • надоместок на плата за скратено работно време поради нега на дете со телесни или ментални пречки во развојот и со најтешки облици на хронични заболувања ( утврдено со Законот за работни односи, а се остварува во центарот за социјална работа) .

г) право на здравствена заштита

Заштитата на лицата со инвалидност е обезбедена и со Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност и во член 19 од истата Конвенција се предвидува следново :

“Државите потписнички на Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност им го признаваат истото право да живеат во заедница, со право на избор еднаков како на другите, и ќе преземат ефективни и соодветни мерки за да им олеснат на лицата со инвалидност во целост да го уживаат ова право и нивната целосна вклученост во општеството, вклучувајќи преземање мерки за да осигураат дека:

а) Лицата со инвалидност имаат можност да одберат место за свое живеење, со кого и каде ќе живеат, под еднакви услови со другите и нема да бидат обврзани да живеат под определени аранжмани;

б) Лицата со инвалидност имаат пристап до спектарот служби за поддршка во своите домови, установите за сместување и локалната заедница, вклучувајќи персонални асистенти, неопходни заради поддршка на вклученоста во животот на лицата со инвалидност во своите локални заедници и спречување на изолација или исклучувања од општеството;

в) Услугите во локалната заедница што се на располагање за општата популација треба да бидат достапни под еднакви услови на лицата со инвалидност и во согласност со нивните потреби”.

Кога станува збор за Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност, во член 26 се нагласува дека сите земји кои се потписнички на оваа Конвенција (помеѓу кои е и Р.С. Македонија) треба да преземаат ефикасни и соодветни мерки, вклучено и преку еднаква поддршка, за да им се овозможи на лицата со инвалидност да постигнат и одржуваат максимална независност, целосна физичка, ментална, социјална и стручна способност и целосна вклученост и учество во сите аспекти на животот.

За таа цел, земјите потписнички организираат, зајакнуваат и опфаќаат обемни услуги и програми за хабилитација и рехабилитација, особено за услугите во областите на здравство, вработување, образование и социјалните услуги.

Со Законот за евиденции во областа на здравството (Сл.весник бр.2009/20), здравствените установи во зависност од дејноста која ја вршат се задолжени да водат и индивидуални евиденции за децата со посебни потреби (член 8), а Институтот за јавно здравје води здравствен регистер за деца со посебни потреби (член 11). (6)

За олеснување на животот на лицата со посебни потреби во Р. С. Македoнија донесени се и Закон за употреба на гласовниот јазик (Службен весник на РМ бр.2009/105 год), како и Закон за инвалидски организации (Службен весник на РМ бр.2008/89 год).(7, 8)

Со Законот за употреба на гласовниот јазик се уредува правото на употреба на знаковниот јазик, правото на глувите лица на знаковен јазик, изучување на знаковниот јазик, толкувач на знаковниот јазик, задачите на Националниот сојуз на глуви и наглуви на Р.С. Македонија, финансирањето, остварувањето на правата и прекршочните санкции.

Со Законот за инвалидски организации се уредува статусот, подрачјето на делување, финансирањето и сопственоста на инвалидските организации.

Цели на делување на инвалидската организација за достигнување на квалитет на животот на лицата со инвалидност се особено:

  • почитување на човековите права на лицата со инвалидност;
  • вклученост во општеството и учество во секојдневниот живот;
  • недискриминација на лицата со инвалидност;
  • поттикнување на лицата со инвалидност да се потпираат на сопствените сили и способности;
  • автономност на лицата со инвалидност како корисници на услуги;
  • економска, социјална, здравствена и правна заштита на лицата со инвалидност;
  • и социјална правда и социјална сигурност.

Во законската регилатива на Р. С. Македонија која што ги штити правата на лицата со посебни потреби, се и Законот за работни односи и Законот за вработување на инвалидни лица.